Македонија
28. September 2020 - 16:36

Заев бара транспарентност, институциите не даваат

Над 60 проценти од државните инситуции се затворени за јавноста. Граѓаните најтешко може да се информираа од здравствените установи,  институции од кои и најмногу имаат потреба,особено за време на пандемијата,  покажуваат податоците презентирани на онлајн дебатата „Влијанието на новите политики и трендови врз (не)транспарентноста на јавните институции“.

Дека поголем дел од институциите не се транспарентни говори и фактот што Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер  постапува по 1300 жалби од граѓани. Дел од нив се застарени предмети. Покренати се и четири прекршочни постапки.

Дека пристапот до информации е важен, особено во време на корона криза, се огласи и премиерот на социјалните мрежи.

„Свесни дека пристапот до информации во време на криза спасува животи, Владата ги следеше принципите за отвореност на институциите, транспарентност и комуникација за најважните прашања и мерки во справувањето со Ковид-19 од интерес за граѓаните. Она што е најважно е дека токму пристапноста до информациите, транспарентниот пристап што Владата го покажува за време на кризата, гради доверба помеѓу граѓаните и институциите кои им служат“, напиша Заев на фејсбук.

Лани 8700 лица се обиделе да добијат пристап до информацијата од јавен карактер. Во моментов пак има 1403 активни даватели на овој вид на услуги. Инаку денеска е меѓународен ден на пристапот до информации од јавен карактер.