Македонија
16. November 2018 - 16:43

Заев бара одговор од Унгарија дали Груевски бил киднапиран!?

Заев нема дилема дека Груевски е во Будимпешта, но се уште е отворено прашањето како стигнал таму.

Додека регионалните полиции ја исцртуваат неговата рута, преку Албанија, Црна Гора и Србија со унгарски дипломатски возила до Будимпешта, најголема мистерија останува како Груевски излегол од Македонија.

Но премиерот без иронија во тонот отвори уште една дилема.

- Груевски и Унгарија треба да одговорат дали тој заминал доброволно или бил киднапиран?

Унгарија се уште нема реакција на ваквото прашање од премиерот. Но опозицијата смета дека што и да се случило, одговорност од Заев и Спасовски мора да има.

- Никој не верува дека Никола Груевски бил киднапиран, но доколку Заев е убеден во ваквите измислици треба уште веднаш да си поднесе оставка заедно со Спасовски бидејќи дозволиле да се случи такво нешто.

Истрагата на МВР треба да открие како Груевски стасал до Албанија. Заев открива дека полицијата имала засилени мерки за него во изминатите 4 недели, но не открива какви.

- Се што е законски е презаемено. Груевски во изминатиот период беше транспарентен, доаѓаше во собрание, џогираше.. 4 недели МВР  постапуваше со зголемена внимателност но ништо не алудираше на бегство

Заев и денеска уверува дека нема договор со Груевски иако за него врвен приоритет е процесот за уставни измени во Парламентот.

- Но ова нема врска со Уставот. Барем да гласаше Груевски.

Заев и натаму е уверен дека екстрадиција е можна и дека Унгарија нема да дозволи Груевски да побара засолниште во некоја трета држава. Европската Унија не сака да се меша во наделжнхостите на земјите членики какмо Унгарија но очекува почитување на владеењето на правото.

- „Треба да разберете дека ЕУ може да каже и направи некои работи, но некои се надлежност на земјите членки, но очекувањата на ЕУ се многу јасни. Очекуваме сите страни да се однесуваат стриктно во согласност со релевантните правила“, изјави Коцијанчич.

Славица Арсова, Сител ТВ