Македонија
12. July 2018 - 18:34

Заев: Балканот им држи европски лекции на западни земји

Премиерот Зоран Заев по врачувањето на поканата за НАТО изјави дека е уверен дека граѓаните ќе го прифатат Договорот со Грција на референдум и дека овој Договор ќе ги охрабри и соседите кои сѐ уште имаат отворени спорови.

- Се надеваме дека решението со Грција ќе ги охрабри Белград и Приштина да продолжат со дијалогот за да најдат решение. Не ни беше лесно ни на мене, ни на Ципрас. Ќе беше полесно да се решеше порано, рече Заев и додаде дека Балканот повеќе не е буре барут, има европски манири, држи европски лекции на западни земји. Ќе бидеме од огромна помош затоа што учевме и научивме од минатото и ќе придносеме кон реформирана и обединета Европа, рече премиерот.

Заслугата за поканата во НАТО Заев им ја припиша и на сите политички партии и претходни влади на Република Македонија. За него, договорот со Грција многу бргу ќе покаже конкретни резултати за граѓаните од двете страни на границата. 

- За неколку месеци веќе граѓаните ќе почувствуват дека договорот носи само добро и уверен сум дека ќе расте бројот на пратеници кои ќе го поддржат договорот, одговори Заев на прашање дали стравува од тоа Атина да не го исполни својот дел од обврската доколку биде успешен референдумот во Македонија.

Прашан за можна руска вмешаност во референдумската кампања, Заев потсети дека огромното мнозинство граѓани се изјаснија за членството во НАТО и во ЕУ и побара да нема непринципиелно мешање во кампањата наредниве месеци.

- Секако сме поучени од соседите од минатото, рече Заев алудирајќи на рускиот пуч во Црна Гора пред влезот во НАТО. Ние ќе обезбедиме сѐ што е во наша моќ граѓаните слободно да излезат и да дадат глас за македонската иднина, изјави претседателот на Владата.

НАТО пред неколку дена информираше дека е подготвен да помогне, доколку Владата тоа го побара, да и дава логистичка помош на земјата за да спречи лажни вести и дезинформации во текот на кампањата. Премиерот не прецизираше дали Македонија побарала помош и дали има конкретен план за справување со евентуална руска кампања на дезинформации во земјата во пресрет на референдумот.

Заев брисел 2

Заев изрази жалење што Претседателот на државата не и честитал на Владата за поканата за НАТО.

- За жал, не добивме порака од претседателот,  ја пропушти можноста да се одважи и да продолжи во давањето шанса на граѓаните, порача претседателот на македонската влада.

Прашан за Државната изборна комисија (ДИК), Заев истакна дека Македонија има традиција на решавање на прашањата заедно опозицијата.

- Постојат законски решенија, Македонија има традиција власта и опозицијата заедно да решаваат прашања, во новата ДИК претседателот ќе биде од најголамата опозициска партија, дополнително друга опозициска партија дава уште еден член, опозицијата е застапена со претседател и два члена, а Владата со три члена и еден за коалициониот партнер, значи четири члена, владата има мнозинство, а опозоцијата има претседател, објасни премиерот.

Тој потсети дека во сабота Владата организира прослави во 15 градови во Македонија и ги повика граѓаните да се радуваат.

Честитајте си, нека ни е вековит овој историски успех на Македонија, победа на граѓаните на Македонија. НАТО одлучи да ни врачи покана да станеме 30-та челнка на Алијансата, сојузник на најсилните земји во светот, изјави премиерот Заев по врачувањето на поканата за НАТО.