Заев: Ако Телеграм не соработува можно е блокирање на апликацијата во Македонија
Премиерот Зоран Заев информираше дека ако руската апликација за комуницирање Телеграм не соработува со властите за групата „Јавна соба“ можно е нејзино блокирање во Македонија.
-Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело. Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани, напиша Заев на Фејсбук.
Премиерот им се обрати и на оние граѓани кои објавуваат фотографии и експлицитна содржина во групата.
-Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група. На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите. Министерството за внатрешни работи, во рамки на своите надлежности во земјава е влезено во трага на дел од лицата кои недозволено објавуваат фотографии и вознемирувачки содржини и се преземаат соодветни мерки и активности во врска со случајот. Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба. МВР работи во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите, вели Заев.
Тој ги поддржа жртвите на насилство и рече дека надлежните ќе ги преземат сите неопходни чекори за да ги заштитат, но и да се казнат сторителите на овие грозни дела.
Даниел Василев
Ново на Сител
-
Руски воени бродови впловија во Црвено Море
-
Бојмацалиев: ОВР Дебар поднесе рекордни 55 кривични пријави за дивоградби во 2023
-
МНР: Состанок на заедничкиот експертски комитет за историски, археолошки и образовни прашања согласно Преспанскиот договор
-
ЈСП Скопје: Можни се технички проблеми при валидирање со телефон или апликацијата „Скопска“
-
Ангелов: Би работел за СДСМ но за плата од 5000 евра
-
МЗШВ: Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје
-
Македонија и 11 членки на НАТО ја зајакнуваат соработката за обука на воени пилоти
-
ССМ на 2 април на протест поради одлуката на Врховниот суд, ќе протестира и на 1 мај