Македонија
15. May 2021 - 13:34

Заев: Ако не го вратиме законот во Собрание, веднаш ќе треба да почне рушењето на 50 илјади домови

Премиерот Зоран Заев не се откажува од носењето на Законот за легализација на дивоградбите. Откако претседателот Стево Пендаровски стави „вето“, законот повторно ќе се враќа во собраниска процедура.

 

„Законот ќе се врати во собраниска процедура и предвид ќе се земат сите околности, посебно околностите кои претседателот ги наговестува во причините за непотпишување“, изјави денеска Заев.

Законот беше предложен од Владата кон крајот на 2019 на предлог на градоначалниците и на ЗЕЛС.

„Причината е едноставна, да се спасат 50 илјади градби на граѓани кои се под прагот на сиромаштијата и не можеле да ги легализираат своите објекти со претходните законски решенија, поради неможноста да ги платат своите геометриски елаборати и другите трошоци за легализација. Новина во законот е тоа што за сите приматели на социјална помош бесплатно ќе се изработат геометриски елаборати и бесплатно ќе се легализираат тие 50 илјади објекти. Секој друг објект, освен за примателите на социјална помош и на сиромашните, се дава можност да се легализира, колективните згради не, дополнително ќе плаќаат 50 посто поголем надоместок отколку што би платиле при редовно добивање одобрение за градба. Со ова, се испраќа порака дека е неисплатливо да се гради на диво, односно ова е последно носење закон со конечна цел да заврши бесправното градење што го имаме од независноста на државата“, вели Заев.

Тој изјави дека ако законот не се врати во Собрание, веднаш ќе треба да почнат да се рушат овие 50 илјади објекти на граѓаните.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, вчера не го потпиша указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти. На ваквата одлука од шефот на државата претходеа лавина реакции во јавноста од пратеници, професори, невладини организации, архитекти кои го критикуваа законот и го нарекоа штетен, потсетувајќи дека со него се мотивираат граѓаните да продолжат да градат дивоградби, па дури и во заштитени зони, за подоцна, државата да ги легализира.

„Мојата одлука да не го потпишам Указот за прогласување на Законот ја донесов врз основа на детална анализа на текстот на Законот, при што утврдив дека текстот на Законот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Исто така, сметам дека текстот на Законот нема општествена оправданост односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што е основна задача на секоја институција на јавната власт“, образложи вчера Пендаровски.

Во случај власта и опозицијата повторно да обезбедат повеќе од 61 глас за донесување на законот без да бидат поправени забелешките, претседателот Пендаровски ќе нема право на ново вето. Во таков случај, следна инстанца би бил Уставниот суд.

Антикорупциската комисија веќе најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на законот за дивоградби.