Македонија
5. July 2017 - 13:45

Заев: Акцискиот план 3-6-9 за сериозен пробив кон евроинтеграциите

Со усвојувањето на Акцискиот план 3-6-9 Владата прави чекор за сериозен пробив кон евроатлантските интеграции по долгиот застој, истакна на денешната прес-конференција во Владата премиерот Зоран Заев.

- Планот 3-6-9 отвора перспективи на Република Македонија кон ЕУ и НАТО кои значително ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните, рече Заев.

Тој појасни дека именувањето на планот 3-6-9 всушност ги означува мерките и активностите што треба да се спроведат во наредните три, шест, девет месеци. Според него, целта е до локалните избори закажани за октомври годинава, Владата да ги испорача првичните резултати, до декември да биде отстранета условената препорака, а до наредниот извештај на ЕК на пролет следната година Македонија да добие и датум за почеток на преговорите.

- Најавуваме демократски Парламент, реформи во судството, медиумите, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација, во изборното законодавство, според препораките на ОБСЕ и ОДИХР, кохабитација со претседателот на државата... Ќе соработуваме и со граѓанското општество, со кое имаме намера да водиме дијалог кој ќе биде транспарентен, рече Заев.  

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ги појасни мерките и активностите содржани во планот и рече дека Владата мора да ги испорача, бидејќи, како што рече, претставуваат наднационален предизвик.