Заев, Ахмети и Тачи на средби со Хајндл
Како да се најде правна основа за повторно свикување на Собранието. Ова прашање е во фокусот на денешните средби на германскиот специјален пратеник Јоханес Хајндл со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА. По средбата Ахмети порача дека нема услови за избори на 5-ти јуни бидејќи тие лошо ќе влијаат врз имиџот на земјава. Најважно во овој момент е Собранието да продолжи со работа.
„ДУИ ги претстави своите ставови за решавање на политичката криза. Во однос на изборите на 5 јуни сметаме дека не би било добро да се одржат, поради имиџот на нашата земја. Бараме начини како може повторно да се свика Собранието на Република Македонија. Го информиравме Хајндл дека ние ги преземаме сите мерки, во согласност со консултациите со правните експерти од земјата и странство како Собранието повторно да се стави во функција. Кога ќе проработи Собранието, ќе се отворат многу други прашања“ – изјави Ахмети.
Според Тачи пак, ваквите изјави на Ахмети се некоректни и штетни за преговарачкиот процес. Тачи тврди дека е време за нов договор бидејќи Пржинскиот е веќе мртов, но и дека со посредство на меѓународната заедница се договара нов датум за избори.
„Не може да правиме маркетинг од оваа трагична ситуација. Ние осум дена и осум ноќи разговараме и сега јас ли треба да ви кажам што бараме. Тоа е тотално нефер однесување кон процесот на преговори. Еве на пример што бараме ние – новото собрание да биде дводомно и Албанците да имаат право на вето за секој договор. Ако одиме маркетиншки, како Ахмети. Не е фер додека се разговара да се изнесуваат во јавност идеите“ рече Тачи.
Во кусото партиско соопштение на СДСМ пак се вели дека на средбата Заев и Хајндл разговарале за актуелната политичка состојба во Македонија и длабоката политичка криза, како и за стратешките цели на земјава на патот кон ЕУ и НАТО.
Претседателот Заев и специјалниот пратеник Хајндл разговараа за модалитетите за свикување на Собранието и одложување на изборите, како и начинот за поништување на одлуката на Горге Иванов за аболиција. Претседателот Заев посочи дека СДСМ останува посветена на процесот за враќање на слобдата, демократијата и правдата во Македонија се вели во соопштението.
Хајндл вчера се сретна и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и министерот за надворешни Никола Поповски. На двете средби се разговарало за изнаоѓање брз излез од политичката криза. Груевски посочил дека интерес на државата и граѓаните е на надминување на кризата и враќање на патеките на напредокот и економскиот развој. Граѓаните посакуваат решенија кои ќе значат враќање на нивната сигурност и спокојство.
Според информации од политичките партии преговорите со посредство на меѓународната заедница продолжуваат. Во таа насока, следната недела Хајдл повторно ќе допатува во земјава.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар