Македонија
5. April 2018 - 17:38

Заев: 2018. година клучна за реформите во судството

Реформите се многу знајчајни за постигнување на независно и објективно судство кое ќе донесе правда и правичност. Добро е што деновиве се отвара темата за ова прашање, но и што се гради еден национален консензус за промените кои треба да следат. Ова е пораката која премиерот Зоран заев им ја пренесе на судиите на Денот на правосудството. Тој, 2018 година ја оцени како клучна за судските реформи особено откако, како што рече, судството беше отргнато од прегратките на Јустиција и фрлено во прегратките на политиката.

Иако македонското судство го оцени како заробено, американскиот амбасадор Бејли пак, ја потенцираше улогата на самите судии во заштитата на својата независност.

Судските реформи вчера ги чешлаше и Советот за реформи во правосудството кој го предводи Заев. Како што информираа од владината прес служба, најмногу забелешки експертите имале за одредбите за одговорноста на судиите и нивната заштита, клучни за независност на судството.

Првите судски закони вчера ја пројдоа и првата фаза во Собранието, а заменик-министерот за правда Оливер Ристевски најави дека целиот пакет ќе се гласа на седница во среда. За најголем дел од законите потребно е 2/3 мнозинство за што неопходна е и поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Поради ова беа усогласувани и со опозицијата.  Законите треба да бидат изгласани до 13 април, за да бидат нотирани во Извештајот на европската комисија на 17 април.

Новинар: Катерина Нешковска