Македонија
28. February 2018 - 9:23

Заедничко царинење со Србија на Табановце и Пелинце

Македонија и Србиа го почнуваат заедничкото царинење на граничните премини Табановце-Прешево и Пелинце-Прохор Пчински. Информацијата за воведувањето на заедничката контрола на граничните премини е усвоена вчера на седница на Владата на Република Македонија. 

Заедничкото царинење е една од целите на Повеќегодишниот акциски план за создавање Регионална економска област на Западен Балкан, усвоен на Самитот во Трст од јули 2017 година.

Тој меѓу другото предвидува олеснување на слободната трговија со стока и подобрување на заедничкото управување со ризик, гранични контроли и гранични контроли со едно застанување односно Оне-Стоп Шоп.

Концептот на заеднички гранични контроли и гранични контроли со едно застанување (One-stop shop), значи поедноставени постапки, кои се спроведуваат на еден заеднички граничен премин, при минимален број  застанувања по можност единствено застанување, преку кој контролата на патниците, стоката и нивните превозни средства се врши само еднаш на едно место. Со примена на концептот на заедничка контрола се постигнува поголема усогласеност и се олеснува преминувањето на патниците, стоките и превозните средства во патничкиот сообраќај, како и  предметите кои патниците ги носат со себе. 

Во граничните контроли, претежно се вклучени органите кои се одговорни за контрола на движењето на лица, стока и превозните средства, како и спроведување на царинските формалности со цел да се применат важечките прописи. Повремено, по потреба, се вклучуваат и други надлежни органи за спроведување на други законски прописи од интерес и важност за државата и граѓаните, како што се во областа на јавното здравје.

Заедничкото царинење овозможува повисок степен на хармонизација на граничните контроли и унапредена примена на концептот на интегрирано гранично управување, намалување на можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцијалните документи кои ја следат стоката, воведување контрола и вршење граничните формалности од страна на сите надлежни органи за нивно спроведување, на две соседни држави,  при единствено запирање,  забрзување протокот на патници, стока и превозни средства на граничните премини каде ваквиот концепт е воведен  и ќе се изврши заштеда на ресурси потребни за реализација на концептот.

Заедничка контрола според најавите треба да се воведе и на железничкиот премин Табановце кон Србија и на Ќафасан кон Албанија.