Македонија
4. November 2021 - 18:06

Заедничка изјава на учесниците на состанокот на Отворен Балкан: „Иднината на проширувањето – поглед од регионот“

 Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама и вицепремиерот на Македонија задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска потпишаа заедничка изјава „Иднината на проширувањето – поглед од регионот“ во рамките на Иницијативата за соработка на Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.

Текстот на заедничката изјава го пренесуваме во целост:

-Европската унија и нејзините земји-членки, заедно со партнерите од регионот, на Самитот на Брдо на 6 октомври ја потврдија својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

Западниот Балкан ја повтори својата и посветеноста на регионот на европските вредности и демократски принципи, владеењето на демократијата, основните права и владеењето на правото.

Сепак, сомнителниот капацитет на Европската унија да интегрира нови членки, внатрешните дебати меѓу земјите-членки на ЕУ и билатералните односи го попречија реалниот напредок на регионот кон ЕУ.

На хартија, политиката за проширување останува активна. Во пракса, сепак, постои растечко разочарување кај граѓаните од регионот во однос на перспективата на ЕУ.

Дополнително, доцнењето на ЕУ перспективата го чинеше регионот премногу во политичка смисла.

Македонија е одличен пример за неисполнети ветувања на ЕУ. Нејзината влада се обиде да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се носи со последиците од одлуките на ЕУ. Оваа ослабена перспектива на европската интеграција се заканува да не остави дезинтегрирани повеќе од кога било. Чувството е заедничко во целиот регион.

Додека ЕУ развива нови и далекусежни стратегии, регионот очајно се обидува да ги спроведе постоечките. И додека нашиот пат кон ЕУ излета од колосек, ние остануваме посветени на достигнување на стандардите на ЕУ.

Не можеме да дозволиме оваа негативна спирала да ги загрози самите темели на иднината и просперитетот на регионот.

Европската унија оди напред, додека регионот е заглавен во дилемите на самата ЕУ. Европската унија треба и мора да ги истражи сите патишта за побрза интеграција на Западен Балкан во пресрет на пристапувањето, заедно со нејзините заложби за постепено вклучување, како што е дефинирано во новата методологија.

Според тоа, би било корисно вклучување на регионот во развој на трговската и даночната политика на ЕУ, како што е механизмот за прилагодување на лимитот за емисија на јаглерод диоксид и заштитни привремени мерки за ограничување на увозот на челик, да наведеме неколку.

Исто така, би можеле да ја истражиме можноста за изземање на Западен Балкан од различни мерки на трговската политика ерга омнес.

Нашите универзитети би можеле да се вклучат во областа на високото образование и истражување на ЕУ, што би обезбедило еднаква шанса за учество во приспособени програми, истражување и иновациина на ЕУ. Во исто време, нашето земјоделство вапи за дополнителни средства, со огромен потенцијал за проширување и испорака на висококвалитетни производи на пазарот на ЕУ.

Ова би можело да спречи негативно влијание врз стабилизацијата и економските перформанси на регионот. Сметаме дека во интерес на ЕУ е да помогне во изградбата и промовирањето на безбеден и просперитетен регион.

И повеќе од тоа – би можеле заеднички да го истражиме учеството во Шенген и постепената интеграција во единствениот пазар на Европската унија.

Денешниот свет брзо се менува. Време е да се дејствува решително. Не можеме да си дозволиме, ниту ќе ни биде простено за пропуштените можности, попуштањата и немањето одлучност да ја реализираме оваа стратешка визија.

Треба подобро да се разбереме ако сакаме да постигнеме најдобри резултати. Ако некој мисли дека треба да дејствуваме сега, тоа беше веќе вчера.

За таа цел, денеска повторно ја потврдивме нашата решеност да ја продлабочиме нашата економска соработка во рамките на иницијативата Отворен Балкан, надградувајќи ја агендата на Берлинскиот процес и фокусирајќи се на брза и приспособена имплементација.

Во овој зафат ги ангажиравме нашите стопански комори и им наложивме да подготват детални насоки за имплементација на Меморандумот за разбирање за соработка во олеснувањето на увозот и извозот, кој беше потпишан во Скопје на 29 јули.

Денеска одобривме детален план за спроведување мерки за олеснување на трговијата и побаравме од Регионалната стопанска комора на Западен Балкан дополнително да го следи процесот на имплементација. Одлучивме и да формираме Меѓуминистерски совет, кој тесно ќе соработува со стопанските комори на спроведување на овие мерки.

Западен Балкан е подготвен да се движи со забрзано темпо. Треба да одиме напред. Така треба да се движи Европската Унија – кон Западен Балкан. Да се оди во празно не е опција.

Ги покануваме сите други страни во регионот да ни се придружат и им посакуваме да се добредојдени. Отворен Балкан е отворен, се вели во интегралниот текст на заедничката изјава доставена од Службата за соработка со медиумите на српскиот претседател, кој беше домаќин на оваа средба.