Бизнис
7. July 2018 - 16:29

Задругите најсигурен начин за пласман на земјоделските производи

Земјоделско здружување за посигурен пласман. Само така земјоделците може да го избегнат проблемот со пласманот, но и да обезбедат повисока откупна цена за своите производи. Од Македонската асоцијација на земјоделски задруги објаснуваат дека доколку делуваат самостојно, земјоделците се немоќни да се справат со конкуренцијата.

“Земјоделците да разберат дека само здружени и преку форми на задруги може да ги решаваат нивните проблеми околу пласманот. Цените се проблематични и тешко се одвива пласманот на земјоделски производи”, вели Менде Ивановски, претседател на Македонска асоцијација на земјоделски задруги.

Од Министерството за земјоделство велат дека подготвувале правилник, како би ги поддржале задругите. Целта е земјоделците заеднички да настапуваат на пазарот преку собирни откупни центри и калибрирано производство.

“Пазарот сè повеќе станува пребирлив и побарувачката се диференцира по производи и сорти. Македонските производи се сè помалку конкурентни и на пазарите каде што традиционално се пласираат”, изјави Трајан Димковски, шеф на кабинет во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во Македонија функционираат 38 земјоделски задруги, што е премала бројка наспроти регистрираните 170.000 земјоделски стопанства. Споредено со Шпанија, на пример, каде задругите се заслужни за 90% од продажбата на земјоделски производи, во Македонија преку здружено делување на пазарот се пласира едвај 9% од произведеното.