Бизнис
6. January 2016 - 18:38

Забрзување на откупот на тутун - по празниците

Напоредно со континуираниот откуп на тутунот од годинашнава реколта кој досега, во изминативе дваесетина дена се одвива без застој, деветте откупни компании, согласно договорите со кооперантите, ја вршат и исплатата за преземените количини, во временски интервал од 3 до 30 дена од преземањето. Во пелагонискиот регион, кој учествува со над 60 проценти од вкупното производство на тутун во земјава, се очекувваат да бидат откупени околу 15 илјади тони тутун. Имајки го предвид годинашниот квалитет на родот, предвидувањата се дека дури 85 проценти ќе бидат наменети за извоз, што пак, од своја страна ги охрабрува тутунарите во надежите дека просечната откупна цена ќе  оди и над сегашните 185 денари.
 
Според Сојузот на тутунски здруженија, досегашната динамика на откупот, се очекува да се зголеми по празниците, бидејки и временските услови веќе одат во прилог на манипулацијата на родот, па, откупот можно е да заврши и цел месец порано од законски утврдениот рок, 15-ти марат. Годинава се очекуваат да бидат предадени максимум 22 илјади тони тутун, наспроти побарувањата на откупувачите од 25 илјади тони.