Македонија
27. February 2019 - 15:23

Забрзано се гради западното крило на гевгелиската гимназија

Во Гевгелија се интензивираат градежните работи на новиот, западен дел од средното училиште „Јосиф Јосифовски“, што ќе биде надграден со два ката, со 14 нови училници и современ угостителски дел што ќе се користи и за комерцијални цели.

Од изведувачот на работите, градежната фирма „Еуроинг“ од Гевгелија денеска потврдија дека веќе се поставени темелите на новиот објект каде ќе биде сместена угостителската сала со придружните простории и дека паралелно со тоа се одвиваат и активностите за изградба на училниците.

Реализацијата на објектот ќе чини околу 39 милиони денари што училиштето ги обезбедило од донации, а од Општина Гевгелија информираа дека општината обезбедила дополнителни 3,7 милиони денари за неопходните истражувања на тлото што биле изведени од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија од Скопје.

Според договорот, новиот објект на гевгелиската гимназија треба да биде комплетно завршен и предаден во употреба до почетокот на новата учебна година.