Македонија
25. January 2022 - 13:31

Забрзан пораст на бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево

Бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево се зголемува. Притисокот на граѓаните за да се тестираат е во пораст, а зачудува и екстремно високиот процент на новозаболени од тестирани лица. Во ковид – центарот до денеска се хоспитализирани 20 пациенти со тенденција нивниот број значително да се зголеми, ако се има во предвид колкав број граѓани секојдневно заболуваат од Ковид-19, потврди за МИА директорот на Општа болница Кичево, Станко Трпески.

-Состојбата со Ковид-19 во нашата општина ни малку не е оптимистична, бидејќи бројот на новозаболени од ден на ден е се поголем, а и бројот на пациенти со потешка клиничка слика е во пораст. Во нашиот ковид – центар до утринава беа хоспитализирани 20 пациенти, од кои половината се потешки случаи и на кислородна подршка, а кај три лица симптомите се животозагрозувачки, бидејќи истите се во поодмината возраст и воопшто не се вакцинирани, рече Трпески и најави пораст на новозаболени во следните денови и до крајот на издната недела го очекува пикот.

Деновиве, посочи тој, очекуваме бројот на новозаболени да расте, а тоа ни го потврдуваат искуствата од последниве денови, кога имаме голем број на граѓани кои се тестираат. Според него, фрапира бројот од дури 95 проценти новозаболени од тестираните лица.

Тој ги обвини новозаболените дека навремено не доаѓаат на преглед, што придонесува да имаат потешка клиничка слика, а и да ја пренесат болеста на лица кои се во нивна непосредна близина.

-И покрај редовните апели навремено нашите сограѓани да се јавуваат на лекар кога ќе ги почувствуваат симптомите на Ковид-19 како да не допираат до нив, бидејќи добар дел од новозаболени на лекар се јавуваат после пет до седум дена од почетокот на заразата, што го отежнува лекувањето, а во опасност се доведува и нивниот живот. Тие што се вакцинирани, а имаат симптоми на Ковид-19 ги лекуваме со таблетарна терапија, а тие кои не се вакцинирани се згрижени во нашиот ковид – центар каде се лекуваат и добиваат кислород, додаде Трпески.