Македонија
30. July 2015 - 14:48

Забрането издавање на соби, станови и апартмани во Охрид

Приватните станоиздаватели од Охрид на нивно барање денеска остварија средба со надлежните претставници на Локалната самоуправа, од кои побараа да им помогне по однос предложените измени во Законот за угостителска и туристичка дејност со кои се забранува вршење туристичка дејност односно издавање на апартмани, станови и соби на туристи во станбени згради.
 
Предлогот на ресорното Министерство за економија за забрана за туристичка дејност, според охридските станоиздаватели, претставува укинување на еден од сегментите на давањето туристички услуги и намалување на севкупната понуда на градот Охрид.
 
Станоиздавателите посочуваат дека меѓу нив има и такви на кои им престанала важноста на Решението за категоризација, а на нивните барања за продолжување на решенијата, од Секторот за туризам и локален економски развој (ТЛЕР) добиваат известување  дека моментално не се издаваат решенија за оние станоиздавачи кои имаат поднесено барања за нови решенија или продолжување на оние на кои им е истечен рокот во станбена зграда, сето тоа со образложение на поднесена претставка од страна на Асоцијацијаса на хотелиери на Македонија (ХОТАМ).
 
– Мислам дека себично и трагикомично е она што е поднесено од ХОТАМ, односно барањето за прекинување на процесот на издавање дозволи за станоиздавачите. Очекуваме надлежните институции да смогнат сили и да, изјави Јован Лазарески, станоиздавач од Охрид.
 
Тој побара од надлежните да се разгледа и реши нивниот проблем заради тоа што станоиздавачите на овој начин ја обезбедуваат својата егзистенција и ги прехрануваат семејствата.
 
– Не смееме да дозволиме сопствените граѓани да станат криминалци бидејќи тие секако ќе издаваат. Само ќе ги натераме  да лажат дека гостите им се роднини, пријатели и познаници, а со тоа ќе се намалат и уплатите од туристичката такса и персоналниот данок, реагира Лазаревски.
 
Од општинскиот Сектор за туризам и локален економски развој велат дека на иницијативата на ХОТАМ за стопирање на издавањето на решенијата за категоријација на оние кои издаваат во колективни згради се спротивставиле уште минатата година, со цел да им се излезе во пресрет на станоиздавателите, но и да се збогати туристичката понуда на градот.
 
Истовремено, од ТЛЕР сметаат спротивно на тврдењата на ХОТАМ каде како образложение за забраната за вршење туристичка услужна дејност се посочува активност во насока на спречување на сивата економија.
 
–  Напротив, со елиминирање на оваа категорија граѓани од легалното работење, се повеќе ќе се иницира сивата економија односно луѓето би работеле на црно, со оглед на тоа дека издавањето станови им е единствен приход, вели Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за ТЛЕР при Општина Охрид.
 
Според него, решенијата кои биле издадени пред три години се косат со легислативата, поточно со членот 46 од односниот Закон со угостителска дејност, со забелешка дека во тој период општината успеала да им излезе во пресрет на граѓаните кои се знаимаваат со станоиздавање
 
– Односниот член 46 од Законот вели дека на едно физичко лице кое издава соби, апартмани или станови, во објект најмногу десет соби со вкупно 20 легла, може под исти покрив да се издаде само едно решение. Ние сметаме дека во овој закон постои голема нелогичност бидејќи во оние објекти каде што повеќе лица издаваат соби, а живеат под исти покрив, дали се тоа индивидуални или колективни станбени објекти, им се ускратува можноста на сите кои на овој начин би биле втори во однос на барањето решение за вршење угостителска дејност односно се протежира принципот „прв дојден – прв услужен“, вели Апостолов.
 
Според постоечката легислатива, станоиздавателите оставуваат без можност да ги продолжат своите дозволи за вршење услужна дејност односно за издавање станови и соби на туристи, а надлежните од Општина Охрид повторно ќе побараат од ресорното Министерство за економија да изнајде решение за проблемот.