Македонија
12. April 2016 - 16:56

За три години здравствените власти ги зајакнуваат капацитетите на здравствениот систем

Бројни вработувања, државни специјализации и финансирање на доусовршувањето за зајакување на капацитетот на јавното здравство. За три години во македонските болници беа обезбедени над 2000 нови работни места. Исто толку беа опфатени и со трансформацијата на работниот однос.

Од волонтери ја добија загарантирана плата. Од 2012 досега, министерството за здравство овозможи 1200 специјализации од речиси сите области како и 120 субспецијализации. За споредба, во минатото имаше само по 30 специјализации годишно. Во меѓувреме, над 200 доктори од приватно се вратија во јавното здравство. Најголем број од нив ги ангажираше Здравствен дом Скопје и болницата 8-ми септември.

Само со последниот проект за кофинансирање на приватни специјализации, уште 90 млади лекари ќе го пополнат недостигот од стручен кадар во речиси сите здравствени установи. Додека се на доусовршување ќе добиваат плата, а вработувањето им е загарантирано.

- Недостатокот на специјалисти е проблем кој е настанат како резултат на тоа што во минатото не се водело сметка за потребите од надополнување на медицинскиот кадар, не се размислувало долгорочно и се задоволувале моменталните желби на докторите за областа во која сакаат да специјализираат. Ваквата политика на долг рок се одразува многу штетно, изјави Никола Тодоров, министер за здравство

Паралелно успешно тече и проектот за едукација на медицинскиот кадар во реномирани странски болници. од 2012 досега над 2200 здравствени работници биле пратени на обука  во странство од кои 800 доктори и 200 медицински сестри само ланската година.