Македонија
23. July 2021 - 9:02

За СДСМ прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на локалните избори на 17 октомври

СДСМ е согласен датумот на локалните избори да биде 17 октомври, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, ако за тоа се договорат сите партии, порача вчера премиерот Зоран Заев, откако во средата опозициската партија се спротивстави на неговата идеја изборите да се одржат на 31 октомври и инсистраше терминот за нивно одржување да биде 17 октомври.

– За мене е многу важно што ќе каже опозицијата. Таа треба да биде задоволна со датумот на избори. Ако се одржат на 17 октомври се поклопува кампањата со пописот, и тоа не е добро, треба да го истуркаме пописот до крајот на септември, по што може да почне кампањата. Но, ако каже опозицијата 17-ти и сите други партии се согласат, ние сме согласни. Следниот викенд е 24-ти и 31-ви, тие се опциите за октомври, нагласи Заев.

Премиерот во вторникот најави дека ќе бара согласност од партиите локалните избори во државата да се одржат на 31 октомври, со цел да се избегне нивно поклопување со пописот. Но, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека премиерот на своја рака, без консултација со останатите партии, „бара поместување на датумот на локалните избори од средината на октомври“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изјави дека очекува партиите да го почитуваат законскиот и уставен рок и на 17 октомври да се одржи првиот круг од локалните избори.

– Локалните избори не се определуваат за желбата на кој било политичар, било и тој да е премиерот. Локалните избори се одржуваат во точно определен термин според Уставот и законот, а уставниот и законски термин за локални избори е 17 октомври, посочи Милошоски, додавајќи дека секој друг темин би бил „неуставен и би можело да го загрози целиот изборен процес како незаконит“.

Меѓутоа, според премиерот Заев, одржувањето на изборите по термин по 17 октомври не е противуставно и додаде оти факт за тоа е што одложување или пролонгирање на изборите се случи и во 2004, 2005 и во 2017 година.

– Не е неуставно, а тоа го потврдува 2004, 2005 година, одложувањето на изборите и во 2017 од пролет на есен, со измена на Законот за изборите каде што се вели дека градоначалниците и советите ги вршат функциите се до избор на нови градоначалници и совети. Законот вика избори да се одржат во годината кога се навршуваат четири години и затоа е дозволено плус минус 15 дена, пет месеци и теоретски 12 месеци, рече Заев.

Тој посочи и дека одложување на изборите од септември за втора половина на октомври се случи на барање на опозицијата.

– Со Мицковски кога имавме средба тие побараа одложување на изборите од септември за октомври. Договоривме втора половина на октомври, а тоа е 17, 20 и 31 октомври. Јас ги консултирав партиите во државата, начелно сите без согласни и беше постигнат договор, рече Заев, изразувајќи уверување дека низ разговори партиите ќе се усогласат за датумот за одржување на изборите.

Шефот на дипломатијата и член на ДУИ, Бујар Османи, пак, вели дека за Демократската унија за интеграција е прифатлив кој било датум за локалните избори за кој ќе се договорат политичките партии.

– Kога политичките партии имаат проблеми со датумите, тоа повеќе ми личи дека имаат проблеми со самодовербата за исходот на изборите. Ние во овој случај немаме таков проблем.Така што, кој било датум што ќе го одлучат политичките партии по однос на одржување на изборите за нас е прифатлив. Дали 17, дали 31 октомври, за нас се прифатливи датуми, рече Османи.

Во врска со можното коалицирање на СДСМ на локалните избори, Заев изјави дека договорот ќе зависи од личностите кои ќе бидат кандидирани.

– Прво да ги видиме кандидатите номинирани од сите партии, затоа што реков да побарам поддршка од помалите партии, дали е тоа ДУИ, БЕСА, ДПА или не знам партиите на Србите, партиите на Турците, на Бошњаците, Власите, на Ромите, треба да понудите и квалитетно решение од она што го имате на располагање, рече Заев, додавајќи дека некаде се очекува соработка уште во првиот круг, а некаде во вториот круг.

Од своја страна, Османи изјави дека ДУИ не размислува за напуштање на Владата ако не добие поддршка од СДСМ на локалните избори.

– Прво ДУИ не може да ја напушти сопствената Влада, ова е Влада на ДУИ. Така што, мислам дека таа матрица дека ДУИ е влезена е погрешна. Ова е влада на ДУИ и не може да излезе од сопствената Влада. Нема такви ситуации, разговараме со коалициските партнери во однос на постигнување за можноста за соработка на овие локални избори. Имавме добро искуство на изминатите локални и тоа дава доверба кај двете страни дека е тоа добро и за граѓаните и за политичките партии и за државата, посочи Османи.

По вчерашната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, премиерот и лидер на СДСМ, Заев на Фејсбук објави дека се договориле двете партии да соработуваат на есенските локални избори, со меѓусебна поддршка во некои општини уште во првиот, а во други во вториот круг.

– Имав одличен состанок со коалицискиот партнер и претседател на ДУИ, Али Ахмети. Се договоривме дека СДСМ и ДУИ заедно ќе настапат на претстојните локални избори, напиша Заев во објавата на Фејсбук.

Премиерот потенцира дека заедничка цел на СДСМ и ДУИ е во предизборната соработка да се вклучат што е можно повеќе партии од владината коалиција.

– Во тек се постапките за избор на најдобрите кандидати – тоа ќе бидат личности кои умеат и кои се подготвени да го дадат најдобриот резултат за граѓаните во секој град, во секое село, во секоја населба. Согласни сме дека институциите имаат и обврска и капацитет да испорачаат целосно демократски, професионални и фер локални избори, додава Заев во објавата.