Македонија
26. September 2018 - 16:48

За само 3000 денари, тело на починато лице наместо погребано, стои во капелата на Бутел

Три илјади денари – причина речиси два месеца тело на починат човек да лежи во капелата во Бутел. Откако во август Слободан Минциковски бил физички нападнат од четири лица, по што им подлегнува на повредите, него нема нема кој да го погреба.

Поради лошата материјална состојба на семејството, неговото тело и натаму е во капелата во Бутел, што беше причина за реакција од граѓаните на социјалните мрежи. Случајот го презедоа хуманитарните здруженија, кои бараат начин како Слободан да биде погребан.

Едниот син на Минциковски загинува во сообраќајна несреќа пред една година, додека неговата ќерка е самохрана мајка која апелира за социјална помош. Чичко Цобе, како што бил познат меѓу пријателите, продавал книги и списанија покрај кејот на Вардар, каде што имал и импровизирано живеалиште.

Од погребалното претпријатие Бутел велат дека на семејството на Минциковски му биле понудени сите опции кои вклучуваат минимални трошоци.

Министереството за внатрешни работи целосно го расчисти случајот со насилната смрт на Слободан, но патот до вечното почивалиште на Слободан го попречуваат бирократските процедури. Од АД Бутел велат дека ваквите случаи се се почести. За околу 50 лица годишно никој не ги презема трошоците за погреб, а нивните тела смеат да бидат во ладилникот на капелата најмногу шест месеци, по што се погребуваат во заедничка гробница.