Бизнис
2. April 2018 - 19:44

За развој на туризмот општините можат да аплицираат за грантови од ЕУ

Со 18 милиони евра грант средства од ЕУ и 3, 2 милиони евра контрибуција од државниот буџет ќе се реализираат проекти од областа на туризмот. За грантовите може да аплицираат општините, јавните институции и центрите за развој на планските региони за инфраструктурни проекти и тоа до 1 милион евра, доколку аплицираат самостојно или до 3 милиони доколку настапуваат здружено 2 и повеќе општини или установи.

- Кај овој тип на апликанти очекувана е контрибуција во износ од 10 %, паричен или не паричен износ, изјави Антониа Шишак, директор на Центар за локална и регионална конкурентност.

За 50 000 евра самостојно или 150 000 евра грант средства здружено можат да аплицираат туристички организации, стопански комори и здруженија на граѓани. Најголем придонес во целокупниот туристички развој може да дадат микро и малите претпријатија кои работат во оваа дејност.

-За овој тип на апликанти се овозможени грантови во висина од 100 000 евра за самостојно настапување или до 300 000 евра доколку настапат здружено во партнерство 2 или повеќе претпријатија-додаде Шишак

Претпријатијата ќе треба да ко-финансираат 50 % од побараната сума. Проектот за локална и регионална конкурентност има за цел отворање на нови работни места, зголемен број на туристи и поголеми приходи од туристичката дејност. На првиот повик се доделени 2 милиони евра за финансирање на проекти поднесени од општините Вевчани, Чаир, Босилово и Крушево.

ТРАЈАН РИСТОВСКИ