Македонија
7. October 2022 - 16:47

За политичките партии клубот „Цар Борис III“ е провокација, институциите без решение

Неофашизам, ревидирање на историските факти за бугаризација на Македонците и омаловажување на македонските Евреи, а пред кои актуелната власт молчи. Ова е е политичката реакција на опозицијата за отворањето на новиот културен центар на Бугарите во Охрид „Цар Борис Трети“.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија и измени на Законот за здруженија за забрана на граѓански организации со име на негативни историски ликови.

Од Социјалистичката партија на Македонија жестоко го осудуваат, како што велат, полтронското молчењето на надлежните институции во Македонија за отворањето на овој Центар.
 „Ниту инфериорниот премиер Ковачевски, ниту недораснатиот министер Османи не се изјаснија дека не треба да се дозволи отварањето на ваков квази клуб.

Тие и дозволуваат на бугарската непријателска власт да влијае врз нашите граѓани со империјални интереси за територијата на Македонија, за бришење на македонската историја, со негирање на македонскиот идентитет, со непризнавање на македонскиот јазик и на се што е македонско“

Осуда стигна и од Левица.

Левица денеска ја поднесе и новата инцијатива за референдум токму за бугарските барања поврзани со македонскиот евроинтеграцискиот процес.

Отворањето на „Цар Борис Трети“ во Охрид е провокација и за владејачката СДСМ, но велат дека антифашистичкото минато на државата треба да се брани институционално.

За СДСМ битно е да се прифатат измените што ги подготвува министерството за правда, а со кои се предвидува забрана за формирање за користење на провокативни историски имиња за нови здруженија, но не и за тековните.