Балкан
26. July 2018 - 8:59

За погодените од пожарите во Грција потребна е финансиска помош, собрана е потребната количина на храна и лекови

Во хуманитарната акција на општините, невладините организации, доброволците и граѓаните од цела Грција, за собирање храна, лекови и облека за помош на погодените од пожарите во источниот дел на областа Атика, собрани се потребните количини. 

Со оглед на тоа дека и во Македонија се организираат хуманитарни акции за помош, за сите оние кои што сакаат да им помогнат на погодените од пожарот, градоначалникот на општина Рафина, Евангелос Бурнус во разговор со дописничката на МИА од Атина, повикува тоа да го сторат со финансиска помош на отворените сметки за донација, како од општината, така и од грчката влада.

-Решено е прашањето со храна, облека, лекови, сместување. Она што го бараме од сите, од целиот свет, од сите краишта на планетата е финансиска помош на сметката на општина Рафина или на сметката на владата за да се поправи инфраструктурата,  вели градоначалникот Бурнус за МИА.

Грчката влада, како што синоќа објави МИА, поради големата поддршка, интерес и солидарност од внатрешноста, но и на меѓународно ниво, отвори специјална банкарска сметка во Банката на Грција, за донации од странство за погодените во катастрофалните пожари.

За сите оние кои што сакаат да донираат, бројот на сметката е:

23/2341195169

IBAN GR4601000230000002341195169

-На оваа сметка, ќе имаат можност да донираат странски држави, компании, но и граѓани од Грција и странство, соопштуваат од грчката влада и објаснуваат дека  целта е обнова на погодените области и на јавната инфраструктура, како и санирање на штетите.

Со сметката ќе управува тричлена комисија со учество на претседателот на парламентот, на министерот за инфраструктура и транспорт и министерот за финансии.

Државата учествува со 20 милиони евра од Заводот за вработување, министерството за финансии со 10 милиони, а со исто толку и грчкиот Парламент.