Македонија
6. October 2021 - 16:40

За Обвинителството потегот на Заев е политика, истрагата за трагедијата во Тетово продолжува

Податокот дека продолжен кабел го предизвикал пожарот, за државниот обвинител Јовески не значи крај на истрагата за трагедијата во модуларната болница. Во телефонски разговор за Сител, вели, се уште се собирале докази за случајот. Запрашан дали објавениот извештај бил доволен да се одбијат оставките на министерот за здравство и неговиот заменик, вели, тоа е политика – Обвинителството дополнително ќе утврдувало вина за трагедијата.

„Ова вештачење дава одговор само на дел од аспектите кои се потребни за расчистување на настанот. Се прибираат и други вештачења, документација, податоци, сведочења. Сите тие ќе бидат предмет на разгледување и анализа, по што обвинителите ќе донесат одлука за натамошниот тек на постапката“, објаснува Љубомир Јовески, Јавен обвинител.

Обвинителството вчера објави дека пожарот во ковид болницата избил од прегреан продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден потрошувач. Сепак, вели Јовески, таа анализа не била доволна за расветлување на случајот.

„Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната болница во Тетово е дел од доказите кои ги прибира обвинителството. Целта на нашето работење е да се проверат сите аспекти на настанот и да се утврди вистината и точната причинско-последична поврзаност за настанување на овој трагичен настан“, вели за Сител, обвинителот Јовески.

Во расветлување на трагедијата, работи и тим германски експерти чиј извештај се уште го очекува обвинителството.