Македонија
8. July 2020 - 17:03

За новата школска година предвидени 3 сценарија, во зависност од епидемиолошката состојба

Три можни сценарија за почеток на следната учебна година, кои ќе зависат од епидемиолошката ситуација во земјава. Како ќе се одвива учебната година од септември најверојатно ќе се знае по одржување на изборите. МОН размислува за целосна онлајн настава, во училница или комбинирано. Предупредуваат дека можни се проблеми, но не во сите училишта.

Во големите школи каде што се оди и во повеќе смени, нема да може да се држи целосна настава во училница. Таму најверојатно ќе се примени комбиниран систем.

Доколку се оди на варијанта на онлајн настава, тогаш проблеми ќе се јават во руралните средини каде што нема добра интернет конекција. Таму се размислува за достава на наставни материјали директно на адресата на учениците.

-Специфичноста на нашиот образовен систем, различната развиеност на регионите, општините, училиштата налага преземања на повеќе различни видови на мерки. Бирото за развој на образование, Центарот за стручно образование како стручни образовни институции на централно ниво имаат најголем предизвик да се покажат, значи, ги ставаме на тест со максималните капацитети и човечки ресурси во овој краток период да изготват посебни наставни планови и програми, вели за Сител заменик-министерката за образование  Елизабета Наумовска. 

Од најголемиот Синдикат во образованието, СОНК,  за Сител кратко велат дека во моментот тие не се вклучени во креирањето на плановите за новата учебна година.

МОН веќе објави нацрт концепт за учење на далечина. Според него, пуштање во употреба на електронска платформа е предвидено за септември 2022 година, за кога е предвидено и изработка на електронски содржини. Но набавка на ИТ опрема и образовен софтвер за користење во согласност со стандардите е предвидено дури за пет години од сега.