Македонија
28. January 2019 - 16:57

За недела до две столче за Македонија во НАТО

Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столенберг потврди дека амбасадорите на земјите членки набрзо ќе го потпишат протоколот за македонското членство во организацијата. Тој во писмото испратено до МНР Димитров вели дека пристапниот договор е во подготовка, а на церемонијата на потпишувањето ќе биде поканет и министерот Димитров.

- Со потпишувањето на Пристапниот Протокол, започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следи ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата, се вели во писмото од Столтенберг.

Инаку, поддршка за ратификацијата на Договорот од Преспа од страна на Грчкиот парламент, дојде и од официјален Париз. За францускиот претседател Макрон ова е храбар чекор кој ќе го отвори евро-атланскиот пат на нашата земја.

- Гласањето на Договорот од Преспа е пример за храброст и единство на Европа, напиша Макрон на Твитер.

Тој меѓу другото очекува овој договор да овозможи развој на односите меѓу двете земји во многу области и да ја зајакне стабилноста на регионот на Западен Балкан и на Европа како целина.