Македонија
31. May 2018 - 13:26

За Македонија и регионот нема опасност од воена закана, но невоените се интензивираат, сметаат експертите

Опасноста од класична воена закана на подолг рок за Македонија и нејзиното непосредно опкружување не е очекувана, но затоа невоените закани не само што ја модифицираат својата форма, туку се адаптираат на современото живеење, станаа разновидни и се зголемија, по интензитет, простор и време. 

Ова е заклучок од денешната конференција „Безбедноста од аспект на внатрешните актуелни состојби и глобалните асиметрични закани“, организирана од Клубот на генерали, Дипломатскиот клуб на Македонија, Балкански форум за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста.

Експертите разменија мислења за новите димензии на воените закани во контекст на глобалните предизвици, со особен осврт врз факторите што влијаат или можат да предизвикаат закани врз безбедноста на земјата. Заклучија дека само со добра стратегија можат да се решат сите проблеми, за што државата треба да има соодветна безбедносна политика, заснована на детална анализа на ризиците и опасностите. Напоменаа дека во тој конктест е мошне важно членството на Македонија во различни меѓународни организации, пред се во НАТО и ЕУ.

Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност истакна дека конференцијата се случува во исклучително важен период за земјата, на внатрешен и надворешен план.

На внатрешен план, додаде тој, по еден подолг децениски период во РМ се почнати процеси на демократизација на општеството. На надворешен план почнат е процес за реализација на меѓународните односи на земјата, со развој на добрососедските односи, прво со Република Бугарија, како и со преговорите за името со Грција, со што ќе се отворат патиштата до посакуваната цел, членство во ЕУ и НАТО.

Според Марковски своевидна експанзија на безбедносни предизвици за земјата на внатрешен план се дисбалансот во развојот на демократските процеси, девијациите предизвикани од организираниот криминал и националниот радикализам.

Од надворешен аспект на влијанија се појавија нови нетрадиционални ризици и асиметрични закани. Тука, тој ги наведе меѓународниот тероризам, организираниот криминал, етничките и религиозни контроверзи, илегалното ширење на оружје и технологии за нивно производство, бегалски и миграциски проблеми, закани за информациските системи, трговијата со дрога и луѓе.

На присутните им се обрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој напомена дека развојот на безбедносен сегмент, како во однос на неговата системска поставеност, така и во поглед на безбедносните предизвици, е правопропорционален со интензитетот и динамиката на општествениот и цивилизацискиот развој.

- Настаните и собитијата денес на почетокот на 21. век во оваа ера на т.н. глобалазам, не само што ја потврдуваат „динамична меѓузависност“ на предизвиците и одговорите кон нив, туку бараат континуирано следење и изнаоѓање нови концепти во сферата на внатрешната, регионалната и колективната безбедност. Дотолку повеќе што е очигледно дека светот денес повторно се наоѓа пред нова глобална и крајно сериозна геополитичка крстосница, со сите евидентни економски, социјални, културни, цивилизациски и конечно безбедносни импликации, рече Спасовски.

Потенцира дека секое општество е обврзано да ги искористи сите свои капацитети и потенцијали во постојано опсервирање, развој и наградување на системите и концептите на безбедност. 

Декантот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, изрази очекување дека наскоро ќе има посериозен напредок во однос на интегрирањето на Македонија во НАТО.

- Очекувам дека на 12 јули ќе добиеме покана за членство, потоа ќе ги спроведуваме домашните задачи додека трае ратификацијата од државите-членки, нагласи тој, но додаде дека членството во НАТО не го гледа од аспект на безбедноста.

Безбедноста во Македонија е на стабилно ниво, а предностите со членството, како што појасни, пред се се однесуваат на владеење на правото, борбата против организираниот криминал, корупцијата, а најмногу можноста за економски напредок. 

Корупцијата ја смета за еден од најсериозните проблеми во една држава, но нагласи оти овој феномен не е првенствено поврзан со безбедноста на државата, туку повеќе со владеењето на правото, со институциите.

- Ако имаме здраво јавно обвинителство, здрави процедури во МВР и суд, кој ќе суди нема да имаме проблем со тоа. Во западниот свет корупцијата е на пониско ниво од РМ, затоа што таму институциите навремено реагираат, имаат изградено механизми за рано предупредување. Но секако дали може едно корумирано МВР да влијае врз безбедноста воопшто? Апсолутно да, рече тој.