Македонија
20. јуни 2022 - 16:31

За он-лајн насилството ни требаат и подобри закони и подобра примена

Социјалните мрежи станаа места на злосторства, а најчести жртви на злоупотреба се жените и маргинализираните групи. На глобално ниво, 85% од жените биле сведоци, а дури 40% се жртви на насилство преку интернет. Правната заштита во Македонија е недоволно развиена, истакна првата дама, на регионалниот форум за телесна автономија на интернет. Укажа на потребата од реформи во истражните и судските постапки за поголема безбедност.

„Сведоци сме на случаи каде фото и видео материјали на многу лица се злоупотребуваат и искористуваат во различни чинови на насилство. А кога жртвата ќе се обиде да ја добие битката преку институционален пат, правдата воглавно е бавна. Соочени со вакви предизвици, разбирливо е што многу жени и девојки не поведуваат правни процеси за заштита на нивните права за сопственото тело на интернет“, вели Ѓорѓиевска.

Министерката за труд и социјала, најави проширување на законот за спречување и заштита на жените од насилство, но и изработка на нов закон за родова еднаквост со кој ќе се подобри статусот на жената во сите сфери на општеството.

„Воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово базирано насилство, засолништа, во 6 плански региони. Воспоставените услуги обезбедуваат поддршка на жртвите при нивното закрепнување, зајакнување, спречување од повторно појавување на насилството и промена на ставовите и перцепциите за насилството“, истакна Тренчевска.

ЕУ амбасадорот го поздрави напорите на Македонија за унапредување на родовата еднаквост и законската регулатива донесена минатата година.

„Со овој закон се воведе систем за реинтегрирање на жените жртви за семејно насилство, меѓутоа се уште има потреба од усогласување со други релевантни закони. Спроведувањето ќе зависи и од новите подзаконски акти. Исто така и кривичниот законик треба да се прилагоди кон истанбулската конвенција и сакам да упатам апел до собранието колку што е можно поскоро тоа да го стори“, потенцира Гир.

На форумот присуствуваа повеќе преставници од земјите во регионот кои ги разменија своите искуства во борбата против насилството врз жените.