Балкан
26. јуни 2019 - 8:58

За изборите во Албанија в недела ќе бидат ангажирани над 12.000 полициски службеници

Повеќе од 12.000 припадници на албанското Министерството за внатрешни работи ќе бидат ангажирани на денот на локалните избори,30 јуни, од нив околу 7.000 непосредно на терен.

Останите 5.000,во кои се и специјалната полициска единица за брза интервенција, ќе бидат под целосна готовност и ќе бидат ангажирани доколку има потреба.

Како што е предвидено со изборниот законик полицајците треба да бидат надвор од избирачките места, а планот на државната полиција предвидува во близина на секое гласчко место да има по двајца полицајци.

Поради недостиг на човечки ресурси, на полициските службеници ќе им помага и граничната полиција и околу 270 полицајци од службата за обезбедување на објекти од витално значење. За безбедноста на овие објекти пак в недела ќе се грижат припадниците на специјалната армиска единица „командоси“.

Исто така во гарантирањето на редот и безбедноста на располагање ќе бидат и 350 цивилни возила и возила од Одделот за граница и миграција.

Врз основа на членовите 42 и 114 од изборниот законик полициските службеници се задолжени да го одржуваат редот надвор и доколку треба и внатре во гласачките места, а ќе го обезедуваат и транспротот на избирачкиот материјал.
 
Од сабота, 29 јуни полицијата ќе ги обезбедува објектите каде ќе бидат сместени избирачките одбори и изборниот материјал.