Свет
22. February 2024 - 15:53

За идната недела закажан нов штрајк на вработените во јавниот превоз во Германија

 Германскиот синдикат „Верди“ денеска ги повика работниците во јавниот транспорт идната недела да стапат на предупредувачки штрајк низ целата земја, втор пат овој месец, за да го засилат притисокот врз работодавците во спорот за платите и работните услови.

„Штрајкот треба да почне во понеделник и да трае до сабота. Во одредени сојузни држави, штрајковите ќе се одржуваат во различни денови во овој период – главно цел ден, а повеќето ќе траат неколку дена“, информираа од тој синдикат.

Како што посочија од синдикатот, кој меѓу другото бара подобри услови за работа за вработените во јавниот превоз, штрајковите ќе се одржуваат во различни денови во сите германски сојузни покраини, освен во Баварија, а 1 март ќе биде главен ден на штрајкот, пренесува Дојче веле.

Синдикатот „Верди“, кој претставува околу 90.000 вработени од повеќе од 130 општински претпријатија, соопшти дека преговорите за платите со работодавачите во јавниот превоз се заглавени во сите германски покраини.