Македонија
18. October 2020 - 10:29

За гостите богата трпеза со манастирска храна приготвена од врвни македонски готвачи

Трпезата за милениумската прослава на манастирот „Св. Јован Бигорски“ ќе биде во духот на светилиштето и празничната свеченост. Гостопримливоста на домаќините ќе се огледа и на масите на кои ќе биде послужена храна. Сé во духот на традицијата и вкусот на македонската кујна. Предизвикот им беше предаден на најдобрите готвачи кои работат во реномирани македонски ресторани. Менито за славеничката трпеза го подготвија петмина мајстори на кулинарството од здружението MCC (Macedonian culinari chef). Тие два дена престојуваат во манастирот и работат под полна пареа.

Со благослов на монашкото братство, МИА ѕирна во манастирската кујна каде се подготвуваа јадењата за гостите. Таму на големо се работеше на подготовка на продуктите и владееше позитивна атмосфера. Шефовите-готвачи ни кажаа дека пред составувањето на менито се водело сметка на дадените препораки и тоа да биде во склад со манастирските правила кога е во прашање исхраната. На трпезата нема да има црвено месо, а јадењата ќе бидат направени, главно од продукти кои монасите и монахињите сами ги произведуваат.

Готвачите велат дека послужената храна го има традиционалниот вкус на македонската кујна, но ќе има мали измени кои се во склад со новите гастрономски трендови. Работата на врвните мајстори на кулинарството: Зоран Андонов, Бобан Симоноски, Никола Мишковски, Деан Карапеев и Зоран Мајновски ја следи отец Захари кој дава насоки. За откривање на некоја кулинарска тајна, рекоа нема да биде тајна ако се открие сега: Во некоја друга прилика или ќе ја запишеме, само треба да ја смислиме, се пошегуваа на момент.

Славничкото мени кое ќе биде понудено на гостите ќе оди според манастирскиот ред:

Ќе се започне со златна капка, па за аперитив ќе биде послужена познатата Бигорска мастика и ликерите кои се прават во манастирската економија. Салатата ќе биде микс од сезонски артикли и зеленчуци. Неизбежни ќе бидат месените продукти: пита сарајлија, питулици и ѓомлезе. Меѓу ладните предјадења ќе се послужат: домашен ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки полнети со кајмак и бајалдии (полнет црн патлиџан). За лажица или топло предјадење ќе има чорба (потаж) од тиква со која ќе се служи и кисело млеко, за да се зачини по вкус. На трпезата секако ќе се најде и манастирски леб, кој се подготвува според стар рецепт.

Главното јадење ќе биде на основа од риба, па покрај печено парче риба, ќе има кромидарник со димен крап во глинено грне и сето тоа придружено со гарнир од зеленчук. Десертот ќе биде посен, во духот на традицијата, па за да се заблажи закуската ќе се послужи варена тиква со мед и ореви.

мени

1. аперитив

2 салата микс од свежи зеленчук

3. месени јадења: пита сарајлија, питулици, ѓомлезе

4. мезе: ајвар, пинџур, сирење, кашкавал, пиперки со кајмак бајалди (полнет модар патлиџан)

5. чорба (потаж) од тиква со кисело млеко од страна и манастарски леб

6 Главно јадење: парче риба, кромидарник со димен крап во грне и гарнир од зленчук

7. десерт: тиква со мед и ореви