Балкан
11. August 2020 - 14:34

За една седмица во Грција регистрирани 961 активни случаи на Ковид-19

Во последната седмица беше регистриран 961 дополнителен активен случаи, бројка двојно зголемена во споредба со минатата седмица, рече заменик-минисерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас на денешната прес-конфереција и додаде дека Владата континуирано ја следи ситуацијата и токму затоа „во изминатите денови презеде дополнителни мерки за да се прекине нагорниот тренд на случаите на Ковид-19.

Хардаљас на редовната прес-конференција ги соопшти и последните податоци за ситуацијата со коронавирусот во Грција, за направените тестови на влезните точки во земјата, како и за спроведеите контроли за почитување на мерките.

– Од 1 јули до 9 август на влезните точки беа направени вкупно 266.116 тестови на 2.162.251 посетител на земјата и потврдени се 508 случаи. Од овие, 164 се уште активни, 243 се вратија во нивните земји, а 101 случај е неактивен и остануваат во земјата, истакна Хардаљас.

Во однос на ситуацијата во Грција, објасни дека од почетокот на епидемијата, регистрирани се 5.623 случаи на Ковид-19, од кои 1.424 се активни, а починаа 214 лица.

Заменик-министерот за цивилна заштита ги повтори и новите мерки за копнените граници што вчера ги соопшти грчката Влада, односно  воведување, од 17 август, задолжителен тест за влез во Грција направен 72 часа претходно. Објасни дека тестот важи за сите, без разлика дали се грчки државјани или имаат грчка дозвола за престој, а исклучок се само децата под 10 години.

Преку граничниот премин Какавиас, од Албанија во Грција ќе можат дневно да влезат најмногу 750 лица.

За непочитување на мерката што денеска стапи во сила и предвидува забрана за работа од полноќ до 7 часот наутро на угостителските објекти и кафулињата во одредени делови на Грција, предвиена е казна од 10.000 евра.

За досега спроведените проверки, Хардаљас рече дека од 1 јули до 9 август биле направени 69.913 инспекции, биле регистрирани 3.493 прекршоци и биле изречени 3.822 казни во вкупна висина од 1.515.500 евра.