Македонија
6. August 2020 - 11:56

За една недела подигнати 136 непрописно паркирани возила од јавните површини во Скопје

Градот Скопје информира дека во текот на изминатата недела (од 30 јули до 5 август) со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 136 возила од јавните површини.

– Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 17 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 119 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице, велат од Градот.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 170 возила, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 17 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС-порака или со греб картичка, информираат од Град Скопје.