Македонија
5. December 2019 - 11:44

За една недела отстранети 322 непрописно паркирани возила од јавни површини во Скопје

Со специјалните возила „пајак“ во текот на изминатата недела, од 28 ноември до 4 декември 2019 година, вкупно се подигнати 322 возила од јавните површини во Скопје.

Како што соопшти Град Скопје, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 45 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 277 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина и спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 431 возилo поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 45 возила се отстранети со „пајак“ службата поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање на време да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се вели во соопштението од Град Скопје.