Македонија
25. February 2016 - 17:08

За една недела 5.041 случај на заболен од грип

Во текот на седмата недела од годинава (од 15 февруари до 21 февруари), во Република Македонија од 30 извештајни единици пријавен е 5.041 случај на грип/заболувања слични на грип, со инциденца од 243,6 на 100.000 жители, што претставува зголемување за 19,2 отсто во однос на минатата недела, информира Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,4 пати споредено со седмата недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 2.059 случаи, а во однос на типичната сезонска крива за последните 5 сезони исто така постои зголемување од 81,4 отсто.

Наведените факти говорат во прилог на значително интензивирање на сезонската активност на грип која продолжува и оваа недела, и е над горната неделна граница на очекуван број на случаи (4.315).

И во седмата недела, најголем број заболени - 2.824 се пријавени во возрасната група од 15-64 години. Највисока инциденца оваа недела е регистрирана кај децата/учениците на возраст од 5-14 години.

Оваа недела најголем број заболени - 1.126 се пријавени од Центарот за јавно здравје Струмица, Центарот за јавно здравје Велес има регистрирано 625 заболени, Центарот за јавно здравје Скопје – 590 и Центарот за јавно здравје Битола – 375. Највисока инциденца во текот на оваа недела е регистрирана во Центарот за јавно здравје Струмица.

Вкупниот број пријавени случаи во текот на оваа сезона е 17.278, со инциденца од 835 на 100.000 жители. За истиот овој период, пријавени се два смртни случаи асоцирани со грип од Центарот за јавно здравје Битола.

Во споредба со истиот период од минатата година, вкупниот број на пријавени случаи во оваа сезона е поголем за 63,9 отсто, а во однос на моделот за последните пет сезони исто така се регистрира зголемување од 35,8 отсто.

Во текот на седмата недела од годинава, во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје сe тестирани 8 материјали за присуство на грип, од кои 2 се позитивни, инфлуенца A – нетипизирани.

Во сезоната 2015/2016 од пристигнатите 66 примероци, 11 (16,7 отсто) се позитивни на присуство на вирусот на грип (3 се A (Х1Н1), 6 се инфлуенца A – нетипизирани и 2 – инфлуенца Б).

Од 42 недела од 2015 година почна вакцинацијата со вакцина против сезонски грип. Според досега пристигнатите извештаи, вакцинирани се вкупно 26.744 лица и потрошени 88,5 отсто од вкупниот број на набавени вакцини за оваа сезона.

Во текот на седмата недела од годинава вакцинирани се 20 лица – најголем број од нив во Скопје (11), додека 80,2 отсто од вакцинираните примиле вакцина во текот на првите три недели од отпочнувањето со вакцинација.