Македонија
5. January 2017 - 11:44

За една недела 137 новозаболени од грип во Кочани

Драстично е зголемен бројот на заболени од грип во Кочани во последната недела од декември. Ако за првите три недели од декември имаше само 26 заболени од грип, во последната недела од тој месец Центарот за јавно здравје Кочани регистрира уште 137 новозаболени.

Ова го истакна Натка Каранфилова, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Кочани, која посочи дека зголемениот број заболени од грип во овој период од годината е очекуван.

-Само во последната 52–ра недела од 2016 година имаме 137 нови заболени од грип во Кочани. За првите три недели од декември имавме 26 а сега имаме бројка од вкупно 163 заболени. Во Виница последната недела од 2016 година имаме 38 новозаболени, а во Пехчево 9. Во Берово немаме добиено ниту една пријава на заболени од грип. Инаку, неофицијално бројката на заболени од грип е повеќекратно повисока од причина што голем број од луѓето не се јавуваат на лекар и се лекуваат дома, рече Каранфилова. 

Слична е состојбата, додаде Каранфилова, и со заболените од горно и долно респираторни заболувања. Пред последната недела од 2016 имало околу 600 заболени, а само последната недела уште 300 новозаболени односно над 900 лица. Затоа препораките на лекарите остануваат исти, да не се мешаат здрави и болни лица, а тоа зависи од менталитетот на луѓето, односно заболените лица сами треба да бидат свесни да не се мешаат со здравите луѓе оти грипот е лесно преносливо заболување.