Македонија
28. January 2016 - 12:05

За една недела 121 заболено лице од грип во Кумановско

Последнава недела на подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, пријавени се 121 новозаболено лице од грип, што претставува зголемување за 13 проценти во однос на минатата недела, информираа денеска надлежните од Центарот за јавно здравје Куманово.

Кумановските епидемиолози соопштија дека вкупниот број на заболени од почетокот на сезоната, досега изнесува 507.

- Повеќето заболени односно 73 проценти се на возраст од 15 до 64 години, по што следува возрасната група од 5 до 14 години и помал процент заболени има над 65 години, изјави доктор Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје.

Во однос на истиот период од  минатата година, Центарот бележи намалување на бројот на заболени од грип.

Од инфективното одделение на општа болница информираат дека последната недела во амбулантата биле прегледани 46 лица, а болнички се лекуваат само две лица.

Иако во овој период не е евидентиран драстичен пораст на заболени од грип, епидемиолозите за наредните недели очекуваат тренд на пораст со варијации во интензитетот.

Во октовмри и ноември  во Куманово против грип се вакцинираа 1.500 лица.