Македонија
11. December 2018 - 14:42

За една година од Штип иселени 77 ученици

Во рок од една година од штипските основни и средни училишта  си заминале вкупно 77 ученици,  кои со своите родители се преселиле во  странство. Податоците на Секторот за јавни дејности покажуваат дека бројките се поголеми во основните училишта.

Раководителот на Секторот за јавни дејности во Општина Штип, Билјана Казанџиска за МИА вели дека податоците кои ги добиле од основните училиштата се дека бројката изнесува 48 ученици.

-Од училиштето „Славејко Арсов“во штипската населба „Баби“ си заминал еден ученик, потоа „Тошо Арсов“ се тројца, „Гоце Делчев“ четворица, од „Димитар Влахов“ 16 и од „Ванчо Прќе“, вкупно 24 ученици, вели Казанџиска.

Што се однесува за средните општински училишта бројката на иселени ученици е 29, од кои двајца во средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев, потоа тројца од штипската гимназија „Славчо Стојменски, осумина од средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“ и 16 ученици од средното медицинско училиште „Јане Сандански“. Штипските семејства во последните години најмногу се иселуваат во земјите на Скандинавскиот полуостров, Германија и Англија.