Бизнис
7. January 2019 - 16:34

За еден месец ќе се знае дали исклучените од парно ќе плаќаат паушал

Околу милион и 100 илјади евра се годишните загуби доколку исклучените од парно во иднина престанат да плаќаат паушал. Од регулаторната комисија за енергетика уверуваат дека потрошувачите на градско парно ќе бидат заштитени, без разлика на одлуката која ќе биде донесена.

-На годишно ниво овој фиксен надоместок што го плаќаат овие исклучени потрошувачи е некаде околу милион и 100 илјади евра. Тој трошок кога би се префрлил врз останатите потрошувачи кои што покрај фиксниот надоместок ги плаќаат и останатите трошоци, влијанието е некаде околу 8 до 10 проценти, во зависност од годината, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.

МАНУ се уште прави пресметки за тоа колку поставувањето на мерачи на радијаторите ќе влијае врз цената на парното. Ова важи и за вертикалните и за хоризонталните системи.

-Доколку оваа анализа покаже дека нема да има големо влијание врз цената за топлинска енергија, со поставувањето на соодветна мерна опрема, ние би го решиле проблемот. Но, ако покаже, а нашите очекувања се дека ќе покаже, поставувањето на мерната опрема сериозно влијание врз цената за топлинската енергија, постои опција и со грантови и со донации овој проблем да се реши, вели Бислимовски.

Бислимовски вели дека постојат европски примери каде државата им помогнала на граѓаните во поставување на колориметри.

За помалку од еден месец исклучените од парно ќе знаат дали во иднина ќе плаќаат паушал. За тоа одлучуваат Регулаторната комисија со помош од МАНУ.