Македонија
25. August 2015 - 20:28

За две недели 33 кривични пријави за нелегална сеча и трговија со огревни дрва

Министерството за внатрешни работи во рамки на акцијата „Гора“ за спречување на нелегална сеча и трговија со огревни дрва во текот на изминатите две недели по однос на работењето на лиценцирани лица за извршување стручни работи на шуми во приватна сопственост поднесе вкупно 33 кривични пријави против физички и правни лица поради постоење основани сомненија дека сториле повеќе кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, пустошење на шума, кражба, фалсификување или уништување деловни книги. 

Како што денеска соопшти МВР, првичните проценки говорат дека станува збор за евидентирана исечена дрвна маса во количина  од околу 5.400 метри кубни разни видови дрво од државни и приватни катастарски парцели, а штетата проценета по однос  на незаконската сеча изнесува околу 29.788.470 денари, додека пак противправната имотна корист од ваквите незаконски дејствија се проценува на околу 8.680.000 денари.

По сектори за внатрешни работи СВР Скопје поднесе кривични пријави против три лица, од кои едно од Скопје и М.М. и К.А. од Кочани поради постоење основани сомнененија за сторени кривични дела „злоупотрба на службена положба и овластувања“ и „фалсификување службена исправа“. Тие бесправно исекле 74 метри кубни дрва при што причиниле штета од 519.400 денари.

СВР Тетово поднел две кривични пријави против едно лиценцирано лице поради издавање одобренија за сеча за парцели на кои нема шума или нема доволно шума согласно одобрението, а се работи за 15 катастарски парцели и исечена дрвна маса од 323 м3, додека проценетата штета изнесува 4.617.480 денари.

СВР Куманово има поднесено три кривични пријави против 11 сторители за сторени 14 кривични дела,  со кои противправно се исечени 190 метри клубни огревно дрво со што РМ е оштетена за вкупнен износ од 1.331.260 денари.  Кривично пријавените се сомничат за три кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и три кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“, како и едно кривичното дело „кражба“.

Од СВР Штип за седум откриени случаи се поднесени седум кривични пријави против 20 лица и три правни лица осомничени за 38 кривични дела. Притоа, стои во соопштението од МВР, откриени се 23 кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, шест кривични дела „злосторничко здружување“, едно кривично дело „фалсификување знаци за обележување на стоки, мери и тегови“ и седум кривични дела „фалсификување или уништување деловни книги“ и едно кривично дело „шумска кражба“. Притоа констатирано е дека во над 260 катастарски парцели причинета е штета од околу 16.900.000 денари а противправната корист што пријавените лица ја стекнале изнесува околу 3.700.000 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против едно лиценцирано лице кое на подрачјето на Битола, Ресен, Крушево, Демир Хисар, Македонски Брод сторило седум кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластувања“, „фалсификување деловни книги“, „пустошење шума“. Притоа, на триесетина различни катастарски парцели во посочените региони исечени се околу 650 метри квадратни разни видови дрва, причинета е штета од речиси 2.000.000 денари, а противправната имотна корист стекната со кривичните дела е проценета на околу 1.490.000 денари. Исто така поднесена е пријава и против уште едно лиценцирано  лице за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ бидејќи издавало одобренија за сеча за парцели на кои нема шума, за парцели кои имаат шума но не е сечено од таа шума туку од државна шума, со некомплетна документација, а биле издавани одобренија за сеча на починати лица. Се работи за четири катастарски парцели во кои се исечени 74 метри квадратни државна шума и 17 метри квадратни од приватнашума, а причинетата штета не проценета на 519.000 денари.  

СВР Струмица во два одвоени случаи поднесе кривични пријави против три физички лица и две правни лица. Вкупно исечената дрва маса е проценета на 2216 метри квадратни,  остварена е противправна имотна корист од 525.705, а проценетата штета изнесува речиси 400.000 денари.

СВР Битола кривично пријави десет лица за сомнение за сторени. Станува збор за кривичните дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и “фалсификување или уништување деловни книги“. Притоа тие се стекнале со противправна имотна корист од речиси 3.000.000 денари при што во над триесетина различни катастарски парцели во регионите на Охрид и Кичево исечена е дрвна маса во количина од 1529 метри квадратни, а причинетата штета е проценета на околу 4.640.000 денари.