Балкан
19. October 2016 - 8:45

За две и пол години Албанија ја напуштиле 400 лекари

Албанската опозициска Демократска партија (ПД) обвини дека поради лошите услови во болниците и ниските плати, од ден на ден се позагрижувачки станува проблемот со недостиг на лекари во Албанија, јави дописникот на МИА.

Според Тритан Шеху, претседател на Комисијата за здравство на ПД, само за 2,5 години Албанија ја напуштиле 400 лекари од општа пракса и специјалисти.

Тој нагласи дека доколку на оваа бројка се придодаде и бројот на оние кои заминуваат во пензија, произлегува дека секоја година бројот на дипломираните лекари е помал од оние кои заминуваат од здравството, по која било основа.

- Во Албанија бројот на лекари е паднат на 1,1 лекар на 1.000 жители. Во Македонија има 4,6 лекари на илјада жители, а во земјите на ЕУ 5 лекари на илјада жители, доадее Шеху.

И бројот на болнички постели во Албанија, според Шеху, е значително помал во спордба со Македонија и ЕУ.

- Албанија има 2,9 болнички постели на илјада жители, наспроти Македонија каде таа бројка изнесува 4,6 и земјите на ЕУ со 4,8 болнички постели, тврди Шеху.

Тој нагласи дека буџетските финансии за здратсвото изнесуваат 2,1 отсто од БДП или околу 90 долари по глава на жител, со што, според него, Албанија е последна во Европа.

- Последи сме во Европа во финансирањето на здравствениот систем. Македонија има околу 500 долари по жител, а во земјите на ЕУ по три илјади долари, изјави Шеху.