Македонија
12. September 2019 - 13:40

За бесплатно чистење на стрништа во Град Скопје аплицирале 38 земјоделци

Во акцијата на Град Скопје за бесплатно собирање на растителниот отпад од нивите и стрништата за да се спречи нивното палење досега се пријавиле 38 лица од скопските општини, информираат градските власти.

-Во согласност со динамиката и планот на работа изминативе денови се расчистени 25 стрништа. Со пет камиони собрани се вкупно 100 кубни метри растителен отпад, кој е однесен на депонијата „Дрисла“. Денеска отпад се собира со помал камион од локации со помало количество отпадоци и се очекува сите пријавени стрништа да бидат расчистени до крајот на оваа недела, соопшти Град Скопје.

Градските власти информираат дека сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8:00 до 20:00 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собере нивниот растителен отпад и ќе го одложи во „Дрисла“.

Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која почна кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата.

-Поради тоа, во периодот до 30 септември, Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно ќе го отстраниме од полињата за да се спречи негово палење, велат од Градот.

Кампањата за едукација од штетните последици од палењето стрништа се спроведува во соработка со градските јавни претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет.