Македонија
21. February 2019 - 12:11

За 30 проценти ќе се зголемат платите на инспекторите, се воведува опомена пред казна

Платите на инспекторите  да бидат зголемени за 10 проценти на почетокот на следната година и да достигнат зголемување од 30 проценти во 2022 година. Капацитетот на инспекциските служби да се зајакнува со нов кадар, а при санкционирањето да се воведе правило за опомена пред изрекување на казна, предвидува новиот Закон за инспекциски надзор, усвоен на последната владина седница.

– Со законот е предвидена динамика за зголемување на платите, но предност ќе имаат инспекциските  служби изложени на најголем ризик, како на пример од Пазарната инспекција. Тие работат и навечер во ноќни клубови каде има алкохолизирани лица, често и се напаѓани. Не  е исто да си пазарен  инспектор и инспектор во образованието, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Анализите на сите инспекциски служби покажале недостиг од кадар и на државно и на локално ниво. За да се овозможат нови вработувања се воведува и нов систем за стекнување лиценца за инспектор и за нивна постојана обука и стручно усовршување.

– Сегашната бројка од 1.000 инспектори е апсолутно недоволна за да се постигне се. Со сегашните  правила што не одговараа на реалноста никој не ќе можеше да стане инспектор во наредните неколку години. Сега ја отвораме можноста и секоја инспекциска  служба согласно своите можности ќе треба да изврши вработувања, наведе министерот.

Тој смета дека новиот закон ќе создаде поволна работна клима и за инспекторите и за субјектите на надзор. Најголемо позитивно влијание се очекува за малите претпријатија, кои, потсети Манчевски, често мораа да затвораат заради утврдени неправилности при инспекциски надзор, без да им се даде шанса да ги отстранат.

Се воведува и нов концепт на инспекциски надзор преку планирање на инспекциите на основа на проценка на ризик.  Инспекциите, потенцираше ресорниот инистер, нема да може повеќе да се користат како механизам за политички или економски притисок.  Како правило се воведува опомената пред изрекување на казна.

–  Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот надзор мора прво да има советодавна улога. Субјектите прво ќе добиваат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија, појасни Манчевски, посочувајќи дека исклучок од ова ќе бидат случаите кога инспекторот ќе оцени дека утврдените неправилности можат да предизвикаат опасност по животот и здравјето на граѓаните, финансиска штета, загрозување на животната средина или загрозување на јавниот интерес.

Новото законско решение треба да обезбеди и предвидливост на инспекцискиот надзор преку листа за проверка. Секој субјект кој е предмет на инспекциски надзор, пред посетата на инспекторите, ќе добие листа на конкретни документи и информации кои треба да ги обезбеди. Со тоа  при средбата со инспекторите, субјектите ќе бидат подготвени и инспекциот надзор ќе трае пократко.

На извојувањето на законот му претходеа повеќе јавни расправи.