Македонија
1. February 2018 - 16:47

Вжештена атмосфера во Грција спроти неделните протести против терминот Македонија во името на земјава

Недела ќе биде тежок ден за безбедносните служби во Атина. На најавените протести за процесот на преговори и употребата на терминот Македонија ќе му претходи и протест на анархистите, а истиот ден во главниот град на соседна Грција ќе си ги одмерат силите и навивачите на дербито Олипијакос – АЕК.

И додека полицијата во Атина подготвува план за се да заврши во мирна атмосфера, политичките опоненти ја вжештуваат ситуацијата. Нова демократија побара од vладата заштита за демонстрантите кои сакаат да го искажат револтот од преговорите со Скопје.

- По протестите во Солун, се чини дека владата паничи дури и против неотуѓивото право на граѓаните да покажат единство за нашата земја. Ова е единствениот начин да се објасни нејзиното одбивање да се осудат сите кои не се согласуваат со митингот во Атина, пишува НД во соопштението.

Градоначалникот на Солун пак повторно ја повика јавностa во Грција да не го минира процесот преку провокации. Бутарис повторува дека за него прифатливо би било сложено име со географска одредница.

- Ние губиме многу работи, го губиме нашето достоинство кон НАТО и Европската унија, не му олеснуваме на соседот кој е како мало дете, бара да си го најде неговиот идентитет. И ние што правиме? Ги пцуеме со цигано-скопјани. Однесување е ова?, рекол Бутарис.

Грчките медиуми денеска ја пренесуваат анализата на Фајненшал тајмс које е објавена под насловот - Ципрас игра покер со Македонија.  Весникот пишува за притисокот кој го има грчкиот прмиер од домашната јавнмост и последиците, но и дипломатската награда од Ваишнгтон и Брисел доколку го затвори прашањето. Компромисот оценува Фајненшл тајмс може од Ципрас да создаде Бизмарк на Балканот.