Македонија
22. јуни 2016 - 19:44

Вуковиќ: „Фруктана“ е школски пример за користење ИПАРД средства

 „Фруктана“ е училишен  пример како треба да се користат средствата од ИПАРД програмата, рече директорката на Агенцијата за финасиска подршка на земјоделство и руралниот развој Билјана Вуковиќ по денешната посета на фабриката.

Овој капацитет за преработка на овошје и зеленчук, лоциран во селото Аргулица, е најголем во штипско-карбинскиот регион.

- Во 2009 година беше доставена првата апликација за добивање средства од ИПАРД Програмата, по што ова правно лице уште двапати искористи ИПАРД поддршка за модернизација на погонот за преработка на овошје, рече Вуковиќ.

Според неа, ИПАРД претставува можност за сите правни лица кои имаат намера да инвестираат во модернизација на сопственото производство, преработувачките капацитети или други дејности. За партнери ги имаат Владата и Платежната агенција, која преку ИПАРД ги подржува нивните инвестициски планови. 

Поддршката, објасни, изнесува 50 отсто, а новата ИПАРД 2 Програма ќе понуди  поддршка за земјоделците и преработувачките капацитети до 75 проценти.

- Ова е за сите инвестиции во модернизација на примарното земјоделско производство, кое овој пат ќе ги опфати сите сектори, не само лозарство, овоштарство и градинарство на отворено и секторите за житни култури. Преработувачките капацитети ќе бидат исто така опфатени во сите сегменти, како и сите други економски дејности во руралните средини, а ќе бидат покриени и сите занаетчиски дејности, како и туризмот и угоститетлството, додаде директорката.

Сопственикот на „Фрукатана“ Младен Митев нагласи дека досега преку ИПАРД прогарамата за модернизација на фабриакта за преработка на овошје и зеленчук има искористено околу 300.000 евра. Последната инвестиција е набавка на две машини за да се задоволат европските стандарди.

- Едната машина е наменета за калибрирање вишна и слива со што се зголемува капацитетот за подготовка и замрзнување на овошје за 50 отсто. Втората машина е за задоволување на ЕУ стандардите за редовно чистење и миење на амбалажата која се користи за бербата на вишни. Со неа ќе се заштеди време бидејќи досега се губеше многу при рачното чистење и одржувањето на амбалажата, објасни Митев.