Балкан
28. October 2021 - 14:28

Вучиќ-Ванг Ји: Заедничките проекти на Србија и Кина вредни 8 милијарди

Кинескиот министер за надворешни рабито Ванг Ји во рамки на посетата на Грција, Албанија, Италија, денес со делегацијата во Белград оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Српскиот претседател изјави дека Србија и Кина немаат отворени прашања во политичката сфера, туку во сите меѓународни институции и организации, мултилатерални форуми и билатералните односи, тие одлично соработуваат.

Вучиќ истакна дека Србија и Кина тројно ја зголемиле трговската размена во последните пет години.

-Кина е наш трет трговски партнер и трговијата расте со молскавична брзина. Имаме речиси осум милијарди заеднички проекти и особено ми е драго што господинот Ванг укажа на неопходноста од соработка во роботиката, вештачката интелигенција, бидејќи на тој начин Србија, со поддршката на Кина оди во чекор со најразвиените земји во светот, кажа Вучиќ.

Тој додаде дека Србија може, доколку е можно, да се подигне соработката на уште повисоко ниво и оцени дека „имаме извонредни односи кои го красат челично пријателство”.

-Ви благодариме што го поддржувате територијалниот интегритет на Србија на истиот начин на кој Србија ја поддржува политиката на „една Кина”, кажа Вучиќ по средбата со кинескиот министер Ванг Ји.

Тој и се заблагодари на Кина за можноста Србија да учествува во кинеската иницијатива „Појас и пат”.

-Ги поддржуваме мудрите зборови на кинескиот претседател Си Џинпинг на последната седница на Обединетите нации и неговата иницијатива за глобален развој, нагласи Вучиќ.

Кинескиот министер Ванг Ји кажа двете земји, под стратешкото раководство на претседателите Вучиќ и Си, не само што имаат традиционално добри односи, туку имаат и „нова виталност”, стабилно и неуништливо пријателство.

Тој додаде дека Србија и дава недвосмислена поддршка на Кина.

Ји изјави дека кинеската иницијатива Појас и пат дава доприноси и за двете страни, а особено за Србија.

-Знаеме дека има приговори поради соработката меѓу Србија и Кина, но имаме голема увереност дека ќе истраеме во соработката дека тоа што го правиме е за наш заеднички интерес, кажа тој, додавајќи дека двете земји се на вистинската страна на историјата.