Балкан
15. December 2020 - 11:40

Вучиќ: Вакцини во Србија до крајот на годината, граѓаните ќе изберат со која ќе се вакцинираат

Првите количини на вакцината против Ковид-19, во Србија ќе пристигне до крајот на годината, најави српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој додаде дека ќе пристигнат две, а можеби и три вакцини.

Кога точно ќе започне вакцинацијата, дали веднаш на почетокот на идната година, ќе зависи од експертите и нивните проценки, рече Вучиќ и додаде дека може да се случи веќе во јануари.

„Ќе имаме две вакцини, а јас се надевам и три“ изјави Вучиќ и додаде дека тоа ќе покаже дека Србија е меѓу земјите кои најдобро се однесувале за време на пандемијата.

Според него, вакцините на „Фајзер“ се веќе нарачани, а Србија ќе биде меѓу ретките земји што ќе ги примат тие вакцини до крајот на годината.

„Ќе видиме како ќе тече работата. Веруваме дека голем дел од вакцините ќе пристигнат во јануари и февруари. Ќе има околу 340.000 вакцини, што е за 170.000 луѓе”, рече Вучиќ.

Тој нагласи дека руската вакцина сега се тестира во Србија, а како што додаде, се чека регистрација на вакцината во Кина.

Вучиќ рече дека има разговори со компанијата „Модерна“, која може да ја испорача вакцината дури на крајот на следната година, и дека ќе разговараат и со компанијата „Џонсон и Џонсон“.

„Ќе се обидеме да им ги понудиме на луѓето во Србија сите видови вакцини, па нека изберат, што мислам дека е фер. Мислам дека секоја вакцина е добра”, рече Вучиќ.

На прашањето за бројот на новозаразени лица, односно за падот на бројот на нови пациенти, Вучиќ рече дека денес во 10 часот бројот е подобар отколку истиот ден минатата недела.

„Но, нашите болници се полни. 9.400 луѓе се хоспитализирани”, рече Вучиќ, додавајќи дека не верува дека ќе има голем прилив на српски граѓани за време на празниците, бидејќи многумина се свесни дека во тек е пандемија.