Балкан
9. November 2017 - 14:19

Вучиќ следниот месец ќе ја посети Москва

Претседателот на Србија Александар Вучиќ на покана на рускиот претседател Владимир Путин следниот месец ќе ја посети Москва.

Поканата од рускиот претседател, како што се наведува во краткото соопштение на Службата за соработка со медиумите на српскиот претседател, на Вучиќ му ја врачил амбасадорот на Руската федерација Александар Чепурин и таа треба да се оствари веќе наредниот месец, кон средината на декември.

Вучиќ ја прифатил поканата, истакнувајќи дека е од особено значење можноста што ќе ја има со рускиот претседател да разговара за билатералните односи, унапредување на политичкиот дијалог,економската и енергетската соработка.

Притоа, Вучиќ и Путин ќе разговараат и за односите во регионот на Западниот Балкан, Европа, како и за глобалната политичка и економска состојба, се истакнува во соопштението.

Српскиот претседател најави дека ќе изрази благодарност за многу добрата воено-техничка соработка, која се покажала и преку набавката на шестте авиони МиГ-29.

Тоа ќе биде втора посета на Вучиќ на Руската Федерација во текот на годината. Тој, во пресрет на пролетните претседателските избори во Србија оствари средба со претседателот Владимир Путин.

Пред четири дена, рускиот претседтел во Москва го одликува поранешниот српски претседател Томислав Николиќ со орден за пријателство, за јакнење на стратешкото пријателство и врските меѓу Русија и Србија.