Балкан
16. May 2017 - 20:29

Вучиќ: Речиси сите економски договори на Србија во последната година се со кинески компании

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска, на средбата со својот кинески колега Ли Кечијанг, изјави дека речиси сите економски договори, што Србија ги потпишала во текот на последната година, се со кинески компании, и замоли за помош за решавање на проблемите на задолжениот српски рударски комплекс Бор, пренесоа српските медиуми.

Вучиќ го покани Ли Кечијанг во декември да го означи стартот на градежните работи на железничката линија Белград-Будимпешта, кога кинескиот премиер ќе биде во посета на Унгарија.

Српскиот премиер изјави дека Србија со голема радост се согласила да учествува во проектот „Еден појас - еден пат“, што, според него, не само што ги решава проблемите на патната, железничката и аеродромската инфраструктура, туку е и начин за осигурување на мирната иднина, во која различните народи и различните религии ќе можат да се разбираат и да живеат заедно.

Ли Кечијанг изјави дека Србија и Кина се пријатели, кои си веруваат и се потпираат еден на друг. Тој изрази надеж дека  соработката на двете земји ќе донесе економска печалба и дека може да се прошири на нови области.

Тој додаде дека нема пречки да се воспоствување директна авиолинија од Белград до некои од кинеските градови, и искоментира дека овие летови ќе бидат многу корисни.