Балкан
29. October 2015 - 13:54

Вучиќ-Путин: Србија нема да воведе санкции кон Русија, но за евроинтеграциите одлучува Белград

Српскиот премиер Александар Вучиќ се сретна денеска во Москва со рускиот претседател Владимир Путин, со кој, како што се очекува ќе ги потврди сите договори кои со руските партнери се дефинирани за време на неговата тридневна посета на Москва, јави Танјуг.

Српскиот премиер во Москва повтори дека Србија нема да воведува санкции кон Русија, но за важните прашања за земјата, референдум, избори и евроинтеграции, не одлучува Москва ниту кој било друг центар на политичка или финансиска моќ, туку исклучиво Белград, односно Србија. 

Вучиќ се заблагодари на поддршката на Русија за Србија во рамки на ОН и други меѓународни организации и во исто време изрази надеж дека ќе дојде до забрзан развој на билатералните односи меѓу двете земји.

Путин позитивно ја оцени динамиката на испорака на земјоделски производи од Србија во Русија и укажа дека стоковната размена меѓу двете земји, наспроти проблемите во светската и руската економија, продолжува да расте.

- Без оглед на сите проблеми, кои ги има светската економија, па и кај нас, стоковната размена со Србија расте. Испораката на српски земјоделски производи се зголеми за 40 отсто. Тоа е добар показател, рече Путин.

- И со поглед во иднината, најдовме решение за уште побрз развој на нашите односи, рече од своја страна Вучиќ.

Вучиќ го известил Путин и за соработката со Приштина, Бриселскиот договор и застоите во неговата реализација.

Ова е трета средба на премиерот на Србија со шефот на руската држава во последните 15 месеци, а теми на разговорите ќе бидат, како што најави Вучиќ, унапредување на соработката меѓу двете земји.

Меѓу останатото, Вучиќ наведе дека со Путин ќе разговараат и за безцаринскиот извоз на возила на Фиат во земјата, набавка на ново вооружување за Србија, и искористување на нејзината наменска индустрија, инфраструктурни проекти.