Балкан
24. January 2021 - 11:51

Вучиќ: Потешко е да се набави вакцина, отколку нуклеарно оружје

 Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази загриженост поради снабдувањето со вакцини против Ковид-19.

Тој за ТВ Прва истакна дека разговарал со светските пријатели за набавка на нови количества вакцини.

– Денес е потешко да се набави вакцина, отколку нуклеарно оружје, изјави српскиот претседател.

Вучиќ очекува денеска да бидат вакцинирани 50.000 луѓе.

– Во светот сме деветти, но мислам дека можеме да бидеме дури и шести во следните три дена, нагласи Вуќиќ.

Според него, Србија водела паметна и одговорна политика по прашањето за пандемијата на коронавирусот, додавајќи дека „во спротивно ќе се загубеле илјадници животи“.

Вучиќ додаде дека Србија преку програмата КОВАКС добила нула вакцини, како и сите земји во регионот, бидејќи постои проблем во дистрибуцијата на вакцини во земјите од ЕУ токму преку таа програма.

– Добивме нула вакцини и веројатно ќе добиеме еден ден нешто. А без програмата КОВАКС набавивме 1.500.000 вакцини и ќе обезбедиме уште, нагласи српскиот претседател за ТВ Прва.