Балкан
14. March 2017 - 20:53

Вучиќ: Ќе го зачуваме мирот на Западен Балкан со помош на ЕУ и Германија

Србија многу инвестираше за зачувување на мирот и стабилноста во регионот, истакна српскиот премиер Александар Вучиќ на заедничка прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел.

- Ситуацијата е турбулентна во некои земји од Западен Балкан, изјави Вучиќ, изразувајќи уверување дека мирот и стабилноста можат да се зачуваат со помош на ЕУ и Германија.

Тој нагласи дека цел Западен Балкан го гледа како место за иден заеднички раст, оценувајќи дека Србија е на добар пат кога станува збор за економијата.

Меркел на средбата со Вучиќ во Берлин истакна дека Србија напредува во реформите и ги исполнува стандардите на Унијата. Таа изјави дека напредокот на Србија го потврдуваат и новите преговарачки поглавја за членство во ЕУ кои се отворени минатиот месец. 

- Со „Берлинскиот процес“ се обидуваме да ги разјасниме нашите обврски кон земјите од регионот и да ги спроведеме нашите ветувања. На сите земји во регионот им се потребни конкретни успеси, а сето тоа води кон поблиски врски меѓу тие држави. Сите земји во регионот имаат перспектива за влез во ЕУ, изјави Меркел.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, според Меркел, Србија е дел од регионот за чија стабилност Германија е „секојдневно загрижена“, а Вучиќ го пофали како политичар кој „секогаш се залагал мирен развој на регионот“. - Од овде лесно се даваат совети, но на терен треба да се постигнат конкретни резултати, изјави Меркел. 

Двајцата шефови на влади на средбата во Берлин разговарале за германско-српските политички и економски односи ,а станало збор и за бегалската криза.

Според германската канцеларка, не е точно дека преку балканската рута веќе не се случува илегална миграција, за што најави дополнителни разговори со српските власти на кои им вети дека Германија нема да ги остави на цедило по прашањето за бегалците.

Српскиот премиер пак изјави дека на српска територија во моментов има околу 8.000 бегалци, што е многу повеќе од голем број од земјите членки на ЕУ.

Вучиќ пред својата домаќинка изрази благодарност за техничката и помошта во полицајци и вети дека во однос на солидарноста и хуманоста Србија секогаш ќе ја поддржува Меркел.

Посетата на Вучиќ на Берлин беше оргнизирана денеска, откако Меркел ја одложи посетата на САД поради снежното невреме во оваа земја и средбата со американскиот претседател Доналд Трамп ја презакажа за в петок. По тој повод, Меркел му се заблагодари на Вучиќ што прифатил да го помести терминот за посета на Германија. 

Меркел од српскиот премиер, кого го пофали за исполнување на стандардите на ЕУ во многу подрачја, побара во реформите на правосудството и владеењето на правото да ги вклучи и невладините организации.

Во врска со слободата на медиумите и слободата на изразувања Меркел рече дека тие се од голема значење за спроведувањето на сите реформски процеси.